Прашањата за работата на Собранието се дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Целото истражување можете да го погледнете со еден клик ТУКА.
На испитаниците им беа прочитани имињата на пратениците/чките избрани од нивната изборна единица/општина/ регион. Притоа, за една третина од граѓаните (29%) имињата на пратениците од нивната изборна единица/општина/регион беа непознати. На прашањето дали знаат кои се избраните претставници од нивната изборна единица/регион/ општина во Собранието, повеќе од две третини од анкетираните (68%) одговорија позитивно, се наведува во соопштението.
Перцепцијата на граѓаните, според анкетата, исто така ни кажува дека извршната власт има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата, како што е предвидено според Уставот. Дури 74 отсто од испитаниците се согласуваат со изјавата дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии.
Во однос на довербата на граѓаните во институциите, анкетата вели дека претседателот на државата ужива највисока доверба меѓу граѓаните, споредено со Владата, Собранието и Судството. Средната оцена за работа на Собранието останува иста како и изминатата година и изнесува 2,6.