Истражувањето на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ покажа дека македонските граѓани за најголем пријател ја сметаат Србија. Од друга страна, за најголема закана ја сметаат Бугарија.

На прашањето која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија – 37 отсто ја кажале Србија, втори на листата се САД со 11,4 отсто, а по нив се Турција и ЕУ. Дури 42 отсто од граѓаните сметаат дека има држава или меѓународна организација која е закана за Македонија. Од нив, со 27,4 отсто како најголема закана убедливо прва ја навеле Бугарија, а втора е Русија со 4 отсто.

Анкетата покажала и дека поддршката за членство во ЕУ паднала на 49 отсто, а расте и процентот на луѓето кои сметаат дека Унијата не ја третира Македонија соодветно… 65 отсто од испитаниците, или скоро третина повеќе во однос на 2021, сметаат дека ЕУ се однесува нефер, надмено и уценувачки.

И претходните години, на повеќе истражувања Србија и Турција фигурираа како пријателски земји.