Четиринаесет региони, повеќе од половина од 20, колку што има во Италија, од утре ќе бидат прогласени за „жолти зони“ наместо „црвени“, иако илјадници нови случаи на Ковид-19 секојдневно се пријавуваат во Италија, а пропратени се и со висока стапка на смртност.
Во жолтите зони во земјата дозволена е работата на продавниците, кината и театрите, а баровите и рестораните можат да послужуваат гости на своите тераси.
Исто така ќе биде дозволено слободно движење на луѓе помеѓу овие 14 региони, под услов патниците да имаат сертификати за вакцинација или негативен тест за Ковид-19.
– Премиерот Драги рече дека одлуката за ублажување на мерките претставува пресметан ризик, но се добива впечаток дека повеќе станува збор за коцкање, имајќи предвид дека податоците за епидемијата не се добри, вели Софија Вентура, професорка на Универзитетот во Болоња.
Експертите кои ја советуваат италијанската влада изразија загриженост за предвременото олеснување на ограничувачките мерки.
– Драги можеби е Супер Марио, но тој сигурно не е Хари Потер и нема волшебно стапче за да ги реши сите проблеми на Италија. Ова е најголемиот ризик што го презеде досега, вели Франческо Грило, политички економист и директор на експертската организација „Вижн“.
Клучна задача на премиерот на Италија, Марио Драги, е економското закрепнување на земјата, за што утре ќе достави план до италијанскиот парламент пред да биде доставен до Европската комисија на 30 април.