Италија ќе пушти на пазарот дел од своите стратешки резерви на нафта како одговор на актуелната енергетска криза. Мерката е дел од координирана акција на земјите членки на Меѓународната агенција за енергија со цел стабилизирање на пазарите.

Министерството за животна средина и енергетска безбедност на Италија соопшти дека ќе бидат ослободени 9.966.000 барели нафта. Оваа количина претставува околу 2,5 проценти од вкупната количина што земјите членки на агенцијата ја ставиле на располагање за стабилизирање на глобалните енергетски пазари.

Во реални количини, ослободената нафта изнесува околу 1.605.000 тони нафтен еквивалент, пренесува италијанската новинска агенција Анса.

Според податоците на министерството, задолжителните стратешки резерви на Италија во моментов достигнуваат 11.903.843 тони нафтен еквивалент. Таа количина е доволна за приближно 90 дена нето увоз на нафтени деривати, што е во согласност со обврските утврдени со законодавството на Европската унија.

Ослободувањето на дел од резервите е дел од поширока меѓународна координирана мерка чија цел е да се намалат притисоците врз снабдувањето и цените на нафтата на светските пазари.