Италијанската влада денеска се состана за да донесе нови мерки по ненадејниот и масовен прилив на мигранти на островот Лампедуза, каде што се побројни од локалното население.

Премиерката Џорџа Мелони изјави дека во фокусот на мерките ќе бидат мигрантите кои не ги исполнуваат условите за азил и кои ќе бидат вратени во нивните земји.

Планот е да се продолжи времетраењето на притворот за овие лица до максимум 18 месеци во ЕУ и да се зголеми бројот на центрите за притвор каде што ќе бидат задржани додека не бидат вратени.

Мелони најави „итни мерки“ откако околу 7.000 луѓе минатата недела пристигнаа на Лампедуза, италијански остров поблиску до Тунис отколку Италија, што е повеќе од населението на островот.

Некои од нив беа испратени на Сицилија, но тензиите повторно се зголемија меѓу политичките актери, особено пред изборите за Европскиот парламент следната година.

Мелони повторно побара од ЕУ поморска блокада на Северна Африка за да ги спречи трговците со луѓе да ги испраќаат своите шверцерски чамци во Средоземното Море.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Мелони вчера ја посетија Лампедуза и ги повикаа европските партнери да и помогнат на Италија во справувањето со миграциските текови од Северна Африка и да прими дел од мигрантите кои го преминале Средоземното Море.