Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави нови мерки кои ќе се однесуваат на странските ученици во италијанските училишта. Според нејзината најнова изјава, наскоро ќе предложи ограничување на бројот на странски ученици во училишните одделенија, како и забрана за носење бурки и никаби.

Оваа иницијатива беше презентирана пред младинската организација на нејзината партија, „Италијански браќа“. Мелони истакна дека со предложената мерка ќе стане задолжително изучувањето на италијанскиот јазик за родителите на странските ученици кои се соочуваат со „сериозни тешкотии при интеграцијата во училишниот систем“.

„За нас, секој што доаѓа во Италија и сака да ја гради својата иднина тука, мора да го научи нашиот јазик, да ја разбере нашата култура и да ги почитува нашите правила. Тоа е единствениот сериозен начин да ги пречекаме“, изјави Мелони.

По одобрувањето на мерката од страна на владата, таа ќе мора да добие и парламентарно одобрение во рок од 60 дена за да стапи во сила како закон.