Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори бара итна финансиска помош за овој сектор по одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти како дел од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.
Според проценките на Комората, без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.
– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.
Од Комората посочуваат дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата и оти граѓаните кои работат во овој сектор тонат во долгови.