Јавното обвинителство денеска соопшти дека се преземаат итни дејствија за прибирање докази за случајот со брутално претепаната жена од Гостивар. Жената синоќа беше примена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба.

„Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази“, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Активирана е воспоставената процедура за итна координација при пријави за семејно насилство.

„Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, посочуваат од Обвинителството.

Случајот го пријавил таткото на жената, по што екипа на Итната медицинска помош ја пронашла во бесознание.

По укажаната прва помош во болницата во Гостивар, жената била пренесена во Ургентниот хируршки центар во Скопје, со тешки повреди на главата и на градниот кош, како и со деформитети на лицето.

Сопругот на повредената жена е лишен од слобода од страна на полицијата и е задржан во полициска станица за понатамошна постапка.