Градскиот железнички превоз во Скопје треба да се развива со вкупно три линии, од кои првата започнува со работа денеска, додека за останатите две паралелно се изработува проектната документација.
Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, информира дека едната од преостанатите линии ќе се протега од Волково, преку Ѓорче Петров и Скопје Север, до централната станица, во должина од 18 километри.
Втората линија ќе ги поврзува Миладиновци, Илинден и Маџари со истата станица, а нејзината должина ќе изнесува 20 километри.
Ивановски очекува проектирањето на двете делници да заврши до крајот на октомври. Доколку бидат обезбедени потребните средства во соработка со Владата, градежните работи на двете делници би започнале до крајот на годинава.
Според плановите, двете линии би требало да бидат целосно оперативни и функционални до крајот на 2027 година, а најдоцна до почетокот на 2028 година.
На трасите се предвидени и патни премини, а планирано е и обновување на железничките станици. Ивановски оцени дека железничкиот превоз може да претставува еден вид алтернативен „крвоток“ на Скопје, со кој граѓаните би се поттикнале поголем дел од патувањата да ги реализираат со воз.
