Најголемите три национални партии освоија убедливо мнозинство гласови на општите избори во Босна и Херцеговина, додека Социјалдемократската партија (СДП) на БиХ, заедно со своите коалициски партнери, има мали изгледи да остане на власт, покажаа резултатите што ги објави Централната изборна комисија (ЦИК) еден ден по гласањето, пренесува Хина.

Според податоците на ЦИК, на вчерашните избори гласачкото право го искористиле околу 1 милион и 366 илјади граѓани, односно нешто повеќе од 40 отсто, што претставува најниска излезност на сите изборни циклуси од завршувањето на војната досега.

На изборите за Претседателството на БиХ беше потврдена победата на Даријана Филиповиќ, кандидатка на ХДЗ БиХ од редот на Хрватите, на Денис Беќировиќ од СДП од редот на Бошњаците и на Жељка Цвијановиќ од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик од редот на Србите.

Беќировиќ и Цвијановиќ освоија нов мандат, но и двајцата со значително помал број гласови во споредба со пред четири години. Беќировиќ остана без поддршката на околу 130 илјади гласачи, додека за Цвијановиќ гласале 50 илјади гласачи помалку отколку во 2022 година. Филиповиќ, пак, која првпат влегува во Претседателството на БиХ, освои нешто помалку од 110 илјади гласови, додека Борјана Кришто како кандидатка на ХДЗ БиХ во 2022 година имаше поддршка од 180 илјади гласачи.

Во трката за Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, од Федерацијата БиХ најмногу гласови освоија кандидатите на Партијата на демократска акција (СДА) – 31 отсто од поддршката. Следуваат СДП БиХ со околу 15 отсто и ХДЗ БиХ со своите коалициски партнери со околу 13 отсто. Блокот предводен од ХДЗ 1990, исто така, влегува во парламентот со поддршка од околу 4,4 отсто од гласачите.

Најголемо изненадување на изборите е наглиот раст на популарноста на Партијата за БиХ (СБиХ), основана во 1996 година од Харис Силајџиќ. По неговото повлекување, партијата со години беше на политичките маргини, а сега стана четврта сила во државниот парламент со поддршка од околу 8,7 отсто.

Партијата, која ја предводи Семир Ефендиќ, амбициозниот градоначалник на сараевската општина Нови Град, не ја крие желбата за учество во идната власт во партнерство со СДА. Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, претходно изрази подготвеност да му ја отстапи претседателската функција во Советот на министри на БиХ на Ефендиќ, под услов тој да се повлече од трката за Претседателството на БиХ.

– Повеќе би сакал да бидам во влада со оние кои во изминатите четири години беа опозиција – изјави Ефендиќ во изборната ноќ, навестувајќи го партнерството со СДА.

Кој и да го формира владиниот блок од бошњачка страна, ќе мора да коалицира со СНСД на Додик, кој влегува во парламентот со поддршка од над 40 отсто од гласачите во Република Српска. Во тој ентитет, по СНСД следуваат Движењето „Сигурна Српска“ (ПСС) на бањалучкиот градоначалник Драшко Станивуковиќ со околу 15 отсто и Српската демократска партија (СДС) со околу 13 отсто од гласовите.

Покрај тоа што практично обезбеди учество во власта на државно ниво, Додик ја порази опозицијата и на ентитетско ниво. Со своите партнери тој ќе го зачува мнозинството во Народното собрание на Република Српска, а ќе ја има и функцијата претседател на ентитетот.

СДА и ХДЗ БиХ, од своја страна, обезбедија комотно мнозинство во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ, како и во речиси сите кантони во кои мнозинското население се Бошњаци или Хрвати, со што ХДЗ БиХ останува неизбежен партнер за формирање на извршната власт.

Така, СДА, ХДЗ БиХ и СНСД по овој изборен циклус ќе ја преземат власта по вертикала во целата држава, при што единствен исклучок е тоа што Бошњаците во Претседателството на БиХ ќе ги претставува членот на СДП, Беќировиќ.

Сепак, од СДП, која досега владееше во коалиција со Народот и правдата (НиП) и Нашата партија (НС), тврдат дека процесот сè уште не е завршен. Иако НиП и НС забележаа лоши резултати и загубија дел од мандатите на сите нивоа, во СДП прават пресметки за можното опстојување на тој сојуз.

„Рано е за разговори за коалиции. Сериозните политики не се водат на тој начин. Како и досега, анализата и одлуките за идните чекори ќе ги носат органите на СДП“, изјави денеска пратеникот на СДП во државниот парламент Саша Магазиновиќ, кој освои уште еден пратенички мандат.