Унгарската компанија „IKARUS Electric Zrt“, во заедничка понуда со ЕВН, понудила најниска цена на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење. Вредноста на понудата изнесува 3.120.956.004 денари без ДДВ, а Комисијата за јавни набавки предложила таа да биде избрана за најповолна. По донесувањето на одлуката следува рок од 10 дена за евентуални жалби.

На јавниот повик биле доставени четири понуди. Во постапката учествувале „BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi“, „IKARUS Electric Zrt“ заедно со ЕВН, „Xiamen Golden Dragon Bus Co. Ltd“ и „YES-EU DENMARK A/S – YUTONG“. По спроведената евалуација, Комисијата утврдила дека условите за учество во електронската аукција ги исполнуваат само „BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi“ и заедничката понуда на „IKARUS Electric Zrt“ и ЕВН.

По завршувањето на електронското наддавање, најниската цена ја понудиле „Икарус“ и ЕВН. Според нивната понуда, еден електричен автобус ќе чини 19.796.924 денари без ДДВ, додека цената на една станица за полнење изнесува 2.018.899 денари без ДДВ.

Испораката на автобусите и полначите треба да се реализира во три фази по потпишувањето на договорот. Во првата фаза, во рок од шест месеци, треба да бидат испорачани 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење. Во рок од 12 месеци се предвидени уште 60 автобуси и 30 станици, а преостанатите 60 автобуси и 30 полначи треба да бидат испорачани најдоцна 18 месеци од склучувањето на договорот.

Постапката ќе продолжи согласно законските рокови. Договорот ќе може да биде потпишан по завршувањето на жалбената постапка, доколку не се појават законски пречки.