По 24 години, македонското знаме било поставено во кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Мала Речица, за време на неговата средба со австрискиот амбасадор Мартин Памер. Според информациите од партијата, иницијативата дошла од дипломатските претставници, а Ахмети на средбата повторил дека државното знаме за него никогаш не било спорно и дека ДУИ отсекогаш се залагала за унитарна држава.

Од ДУИ потврдиле дека знамето било поставено по сугестија на дипломатите. „Да, вистина е дека по иницијатива на дипломатските претставници беше ставено македонското знаме во кабинетот на претседателот Ахмети, но тој на средбата со високите претставници го изнесе веќе познатиот став дека знамето воопшто не е проблем и никогаш не било и дека ДУИ отсекогаш се залага за унитарна држава“, навеле од партијата.

Ахмети на средбата посочил и дека државата им припаѓа на сите граѓани и дека нејзините симболи треба да се почитуваат. Потегот го претставил како порака за соживот, меѓусебно почитување и еднаквост меѓу заедниците. Иако државното знаме досега не било поставено во неговиот личен кабинет, тоа редовно било истакнувано во салата за состаноци во седиштето на ДУИ, особено за време на партиските прес-конференции.

ДУИ во изминатиот период беше во фокусот и поради Законот за правична застапеност, кој остана заглавен во собраниска процедура. На седницата на која присуствуваше и Ахмети, пратениците на партијата бараа законот да биде ставен на гласање и порачаа дека можат да го блокираат со големо Бадентерово мнозинство доколку власта се обиде да го протурка со мало.

На таа седница не присуствуваше претседателот на Собранието, Африм Гаши, а пратениците на ДУИ често се јавуваа со долги процедурални забелешки. Иако бараа Законот за правична застапеност да биде ставен повисоко на дневниот ред, тој сепак остана заглавен, додека точките поврзани со високото образование беа префрлени на нова седница.

И на продолжението на седницата пратениците на ДУИ повторно се јавуваа процедурално и го обвинуваа Гаши дека не го почитува Деловникот. По расправата бил изгласан само дневниот ред, а дискусијата за законите поврзани со студентите и за Законот за високото образование најверојатно ќе продолжи по одморите, кон крајот на август, кога пратениците ќе се вратат во собраниските клупи.