За помалку од една седмица од воведувањето на специјалната апликација на грчката Влада „Gov.gr Wallet“, биле издадени над 200.000 дигитални возачки дозволи и уште толку лични карти, иако апликацијата сè уште не е достапна за сите граѓани, со оглед на тоа дека секојдневно, постепено се отвора согласно последната бројка на единствен даночен број на Грците, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за дигитална политика на Грција Кирјакос Пиеракакис преку неговиот „Твитер“ профил соопшти дека до вчера биле издадени над 273.000 дигитални лични карти и над 207.000 дигитални возачки дозволи.
Минатата среда официјално беше промовирана апликацијата што на Грците им дава можност личната карта и возачката дозвола да ја имаат во дигитална форма на нивните мобилни телефони.
Услугата е достапна во зависност од последната бројка на единствен даночен број на Грците, секојдневно се отвора по еден број, а досега е стигната до бројот осум.
Дигиталните документи се подеднакво законски, како и регуларните за секаква законска употреба, а проверката ќе се врши преку скенирање на специјалниот QR код, по што се појавува шест цифрен код кој граѓанинот му го покажува на контролорот, а тој го внесува во неговиот уред, по што се појавува и документот.
Апликацијата е слична со онаа што грчката Влада ја воведе за Ковид зачувување и проверка на дигиталните Ковид сертификати.