Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, по скратена постапка, е прифатлив и го проследува на натамошно читање, заклучија денеска на Собраниската комисија за образование, наука и спорт.

Предлагачи на законот се пратениците Даниела Христова, Каролина Насковска, Иванка Василевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Пратеничката Христова рече дека со измените се дополнува условот за сместување и исхрана на студентите во државните студентски домови, така што се дефинира старосната граница за прием во студентски дом и се доуредува постапката за изрекување воспитни мерки за студентите доколку не се придржуваат до куќниот ред на домот.

– Измените се однесуваат на член 24 став 1, каде што по зборот „живеење“, се става запирка и се додаваат зборовите: „а кои не навршиле 30 години на денот на поднесување на барањето за прием во државен студентски дом“. Со овој член се прецизира старосната граница за прием во студентски дом со цел да не се прават злоупотреби и во домовите да се сместуваат оние на кои навистина им е потребна ваква поддршка. Се менува и членот 27, кој се однесува на придржување на куќниот ред во студентските домови, така што на оние студенти што не се придржуваат може да им се изрече воспитна мерка, писмена опомена, опомена пред отстранување и забрана за користење на услугите во студентските домови на целата територија на Република Македонија и забраната може да биде од една до пет години – рече Христова.