Израел ги укинува речиси сите ограничувања воведени за борба против ширењето на коронавирусот по значителното намалување на бројот на новозаразени.

Според соопштението на Министерството за здравство, истекуваат регулативите во рамките на таканаречениот Зелен пасош. Ова значи дека во иднина јавните институции ќе бидат отворени и за вакцинирани и за невакцинирани.
Повеќе нема да биде потребно да се презентира потврда за вакцинација. Сите ограничувања за влез на настани, во продавници и ресторани се укинати. Но, обврската за носење маски во затворен простор и натаму останува.

Некои ограничувања, исто така, ќе продолжат да се применуваат при влез во Израел.

Земјата со девет милиони жители успешно спроведува кампања за вакцинација од 19 декември.

Новите инфекции и тешки форми на болеста драматично опаднаа во последните месеци. Во неделата, бројот на новозаразени со коронавирус падна на најниско ниво од почетокот на пандемијата. Потврдени се само четири случаи.