Израелски здравствени функционери соопштија дека сè уште се проценува дали припадниците на пошироката јавност треба да примат трета доза од оваа вакцина.

Израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц изјави дека веднаш стапува во сила одлуката возрасните чиј имунолошки систем е загрозен и кои примиле две дози вакцина Фајзер да можат да добијат дополнителна доза од вакцината, додека се чека одлука за поширока дистрибуција.

– Го испитуваме ова прашање и сè уште немаме конечен одговор, изјави Хоровиц за Радио Кан, зборувајќи за давање дополнителна доза на пошироката јавност во Израел.

Што се однесува до луѓето со послаб имунолошки систем, на кои ќе им биде понудена дополнителна доза вакцина, Хоровиц рече дека станува збор за луѓе кои имаат трансплантиран орган или страдаат од медицинска состојба што предизвикува пад на имунитетот.

Според податоци на израелското Министерство за здравство, околу половина од 46 пациенти во сериозна состојба во Израел се вакцинирани лица.

Израелскиот координатор за справување со пандемијата во средата рече дека огромно мнозинство од нив биле од ризични групи, постари од 60 години, кои претходно имале здравствени проблеми.