Нападот се случил по прекин на врската

Основното јавно обвинителство во Гевгелија започна истражна постапка против едно лице за полов напад и силување, според член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот се сомничи дека на 19 ноември, со употреба на сила и против волјата на оштетената, ја принудил на сексуален однос.

Жртвата, со која претходно имале подолга врска која таа ја прекинала, била пречекана пред своето работно место. Осомничениот ја повикал да влезе во возилото за разговор и да ја однесе дома, но наместо тоа свртел по полски пат. Во возилото ја удирал по лицето и ѝ се заканувал дека не смее да биде со друго лице.

Кога застанал, оштетената се обидела да излезе од автомобилот, но осомничениот со шлаканици и боксови ја врати во возилото и ја принуди на полов однос, и покрај постојаното противење на жртвата, соопшти Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија за определување мерка притвор за осомничениот.