Полицијата уапси 25-годишен жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на 78-годишна жена од селото Челопек, соопшти СВР Куманово.
Според полицијата, на 12 февруари осомничениот влегол во домот на жената, физички ја нападнал и ја задушил со перница, по што таа починала на местото.
„Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б. (25) од село Малотино, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Се сомничи дека на 12 февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и ја задушил со перница М.С. (78) од село Челопек, по што таа починала“, соопшти полицијата.
Осомничениот се поврзува и со повеќе кривични дела „тешка кражба“ во неколку села во општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето е задржано во полициска станица.
Од Основното јавно обвинителство информираат дека се издадени наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења.
Постојат индиции дека истото лице можеби било вмешано и во други кривични дела на подрачјето на Куманово. По наредба на јавен обвинител се преземаат дополнителни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно утврдување на фактите и прибирање на доказите ќе биде поведена соодветна постапка против осомничениот.
