Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, засега нема да започне со издржување на затворската казна, иако според упатниот акт требало на 2 јули да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Барање поради здравствена состојба
Одложувањето следува по барањето што Јакимовски го поднел на 12 јуни, во кое навел дека бара одлагање на извршувањето на казната поради здравствената состојба.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека судијата за извршување санкции веднаш започнал постапка за проверка на доставената медицинска документација.
Судот чека одговори од здравствени установи
Судот побарал дополнителни информации од две приватни здравствени установи кои ги издале документите. Бидејќи одговорите сè уште не се пристигнати, конечна одлука по барањето на Јакимовски засега не е донесена.
„Според Законот за извршување санкции, судијата има рок од 30 дена да ги провери сите околности и да одлучи по барањето, а до тогаш почетокот на издржувањето на казната се одложува“, велат од судот.
Правосилна казна за бесправно градење
Јакимовски треба да издржи правосилна едногодишна затворска казна за бесправно градење, изречена во предметот поврзан со изградбата на административната зграда на Општина Карпош.
Во казната ќе му биде пресметан и периодот поминат во куќен притвор во 2019 година, па доколку барањето биде одбиено, тој би требало да помине уште околу седум месеци во затвор.
Првостепено, Јакимовски беше осуден на вкупно три и пол години затвор – една година за бесправно градење и три години за злоупотреба на службената положба. Апелацискиот суд ја потврди пресудата за бесправното градење, додека делот за злоупотреба на службената положба го укина и предметот го врати на повторно судење.
По правосилноста на пресудата, Јакимовски оцени дека станува збор за политички мотивирана одлука, тврдејќи дека целта е да биде спречен повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош. Тој најави дека ќе бара заштита на своите права пред Врховниот суд.
