Образованието не може брзо да премине во извонредност без јасни цели

Весна Јаневска истакна дека не постои формула за брза транзиција на еден образовен систем од фаза на ран развој кон извонредност.

Таа порача дека е потребно време и голема посветеност кон остварување на претходно поставени реални цели и јасно дефинирани политики што ќе се базираат на факти.

„Во денешно време располагаме со голем број податоци и важно е тие да се анализираат и врз основа на тоа да се креираат политиките. Технологијата, особено вештачката интелигенција ни помага во собирањето и обработката, но сепак во процесот најважен е човечкиот фактор и не може да биде заменет“, рече Јаневска.

Политиките се базираат на анализи и меѓународни мерења

На панел дискусија посветена на креирање политики базирани на факти, во рамки на Светскиот образовен форум во Лондон, Јаневска нагласи дека македонската влада образовните политики ги темели на спроведени анализи и преку мерливи критериуми ја утврдува ефикасноста.

Посочи примери дека за институциите во Македонија јасен показател за промени се резултатите на учениците на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИММС, детализираните податоци од шангајската ранг листа на универзитети, анализите и истражувањата на организации како УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светска Банка, како и дека исклучително релевантно во креирањето политики е и измереното мислење на наставниците, стручните служби, родителите и учениците. Како што рече, сите тие треба да ги знаат резултатите од анализите и причините за промени и да учествуваат во менување на состојбите.

Форумот во Лондон и ставовите на учесниците

Освен Весна Јаневска, на панел дискусијата се обратија и Алфа Бакар Бери – министер за стручно образование, обука и вработување на Гвинеја, Андреас Шлајхер – директор за образование и вештини во ОЕЦД и Берџ Акијан – извршен директор на организацијата Клас Линк.

Говорниците се согласија дека иако институциите во многу земји немаат законска обврска да собираат и користат докази при креирањето на политики, сепак тоа обезбедува легитимитет на процесот.

Светскиот образовен форум е најголемиот глобален собир на министри за образование и вештини. Годинава темата е „Образование за заедничка иднина: Мир, планета, цел и патеки“.

Организаторите наведуваат дека во време на глобална неизвесност, зголемување на нееднаквостите, климатски кризи и брзи технолошки промени, образованието е клучна сила и извор на отпорност, иновации и социјална кохезија.