Резултатите што македонските ученици ги постигнуваат на меѓународното тестирање ПИСА се многу лоши и поразителни, а во европски рамки единствено Косово е рангирано зад Македонија. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, посочувајќи дека особено загрижувачки се резултатите во делот на читањето и разбирањето на прочитаното.

Јаневска објасни дека иако учениците ги препознаваат буквите и можат да читаат реченици, голем дел од нив не успеваат да го разберат текстот што го читаат и да одговорат на прашања поврзани со неговата содржина.

„Кога станува збор за читање и разбирање, тие ги препознаваат буквите и знаат да читаат реченици, меѓутоа нашите ученици не го разбираат текстот што го читаат и треба да одговорат на неколку прости и на неколку посложени прашања. Една третина одговараат на простите прашања, на сложените прашања многу малку“, истакна министерката.

Според неа, причините за ваквите резултати се повеќеслојни и не можат да се сведат само на работата во училиштата, бидејќи врз образовните постигнувања влијаат семејната средина, социјалниот статус, образованието на родителите, редовноста на учениците и условите во училниците.

Како еден од факторите што влијаат врз успехот, Јаневска ја посочи семејната средина, нагласувајќи дека децата кои растат во домови со повеќе книги и домашни библиотеки почесто читаат и постигнуваат подобри резултати.

Таа посочи дека постои и забележлива разлика во зависност од социјалниот статус и образованието на родителите. Децата чии родители имаат повисоко образование и подобра социјална положба, генерално, покажуваат подобри резултати во училиштето.

„Генерално, децата со подобар социјален статус и со пообразовани родители покажуваат подобар резултат, што значи сите треба да се стремиме да стекнеме некакво образование, за и нашите деца да успеваат во училиштето“, рече Јаневска.

Министерката се осврна и на редовноста на учениците, посочувајќи дека во Македонија постои појава учениците да не присуствуваат на наставата, а нивното отсуство да не биде соодветно евидентирано. Присуството на часовите, според неа, има силно влијание врз постигнувањата на учениците.

Дополнително, резултатите покажуваат регионални и етнички разлики. Јаневска посочи дека Скопје не е регионот со најдобри резултати, како што можеби би се очекувало, туку нешто подобри постигнувања има источниот дел од земјата, иако и таму резултатите остануваат релативно слаби.

Таа посочи и на разлики меѓу етничките заедници, наведувајќи дека македонските ученици се на прво, албанските на следно, додека ромските ученици се на последно ниво според постигнувањата.

Како дополнителен проблем, Јаневска го издвои и односот во самите училишта, односно атмосферата во училниците, бучавата и способноста на наставниците да воспостават дисциплина и да го задржат вниманието на учениците за време на наставата.

Сепак, според министерката, еден од најважните проблеми е недоволно сериозниот пристап кон самото ПИСА-тестирање. Бидејќи тестот не се оценува, учениците често немаат доволна мотивација да го покажат своето знаење, а ниту наставниците, ниту родителите не му го пренесуваат доволно значењето на тестирањето.

„Ниту учениците, ниту родителите, ниту наставниците сериозно го сфаќаат значењето на ПИСА. Бидејќи ПИСА-тестот не се оценува, учениците не се заинтересирани да покажат знаење. Наставниците веројатно недоволно им го пренесуваат значењето на децата дека дефакто тие ја претставуваат државата“, посочи Јаневска во гостувањето на Радио Лидер.

Таа додаде дека голем број родители воопшто не се свесни дека се спроведува вакво тестирање, ниту го познаваат неговото значење, иако резултатите се показател за состојбата на образовниот систем во земјата.

Јаневска оцени дека подобрувањето на образовните резултати бара поширок пристап и вклученост на сите фактори – училиштата, наставниците, родителите и самите ученици.