Досегашниот словенечки премиер, Роберт Голоб, му ја предаде должноста на својот наследник, Јанез Јанша, откако словенечкиот Парламент претходно ја одобри четвртата Влада предводена од Јанша.
Голоб изјави дека сака земјата да остане во добра состојба и му се заблагодари на Јанша за „работите што биле добро направени“, повикувајќи на соработка меѓу политичките табори.
„Пред се, би сакал уште еднаш да му честитам на премиерот Јанез Јанша за изборот и преземањето на одговорноста за нашата заедничка држава, и да му посакам не само среќа, туку и мудрост и разумност“, изјави досегашниот премиер на примопредавањето на должноста.
Јанша му се заблагодари на Голоб за честитките и оцени дека дел од работите биле добро завршени, но дека некои насоки ќе треба да се поправат.
Тој додаде дека Словенија може да има добра иднина доколку се искористи целиот потенцијал и се зајакне соработката во општеството.
Пратениците во словенечкиот Парламент претходно ја одобрија листата министри во новата Влада со 49 гласови „за“ и 30 „против“. Новата Влада ја сочинуваат Словенечката демократска партија (SDS), Нова Словенија (NSi), Словенечката народна партија (SLS) и претставници на националните малцинства.
