Како што беше соопштено од Претседателството на БиХ, Јанша вчера го повикал Џаферовиќ за да ги разјасни шпекулациите за наводниот документ што би се залагал за поделба на БиХ, но и за промена на границите на другите земји во регионот.

Копија од наводниот документ беше објавена на англиски јазик од словенечки портал, но без да се објасни кој го составил и на кого бил упатен, пишуваат агенциите од регионот.

– Словенечкиот премиер Јанез Јанша го извести членот на Претседателството на БиХ Сефик Џаферовиќ дека нема нон пејпер што може да биде поврзан со словенечката влада, што би вклучувало прекројување граници или кршење на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина – се вели во соопштението од претседателството на БиХ.

Од таму истакнуваат дека Јанша ја пренел пораката дека Словенија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и нејзиниот евроатлантски пат, целосно почитувајќи го Дејтонскиот мировен договор.

Во телефонскиот разговор, Џаферовиќ рекол дека секоја приказна за етничките и територијалните поделби на Босна и Херцеговина треба да се спречи на самиот почеток и дека единствениот начин за БиХ е нејзината понатамошна внатрешна реинтеграција и евро-атлантска интеграција.

Јанша и Џаферовиќ разговарале и за претстојното претседателство на Словенија со Советот на Европската Унија, кое почнува во јули, како и претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин ќе биде Словенија и чија главна тема треба да биде забрзување на интеграцијата на регионот во Европска Унија.