Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави денеска дека самитот ЕУ-Западен Балкан е многу важен настан на кој се кристализира ситуацијата во регионот, но исто така посочи дека пред проширувањето некои отворени прашања како што се односите меѓу Белград и Приштина, како и  Македонија и Бугарија, мора да се решат.

Тој на прес-конференција со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел истакна дека ова е настан кој може да се спореди со Солунскиот самит во 2003 година.

– Тоа беше време кога трагичните последици од минатиот век се чувствуваа во воздухот. Тогаш се сметаше дека проширувањето ќе се случи порано. Но, по таа одлука, следеа повеќе кризи, дури и во ЕУ, што доведе до одложување, нагласи Јанша, додавајќи дека декларацијата усвоена денеска има многу позитивни пораки, од заеднички инвестиции до роамингот.

Според него, не е тајна дека Словенија се стреми кон „лабава временска рамка“ за идните чекори за проширување, дека таа точка не е вклучена во декларацијата, но дека постои голема подготвеност на земјите-членки во следната деценија да ја постигнат најголемата можна европска перспектива на Западен Балкан.

– Важно е дека декларацијата го содржи концептот на проширување, кој е важен за земјите од Западен Балкан. Наша проценка е дека индивидуалните чекори во врска со проширувањето можат да бидат завршени во следната деценија. И во случајот со Словенија имаше индивидуален распоред, што даде поголем поттик за реформските процеси, заклучи Јанша.