-Воедно ги повикав сите политички субјекти во државата, сите општествени чинители и пошироко значи особено оние кои што имаа влијание во градот Скопје да ми ја дадат својата поддршка. Поддршката како што знаете ја добив, ја добив од ВМРО-ДПМНЕ, ја добив од Алијансата за Албанците, ја добив од Алтернатива, ја добив исто така и од голем број на организации кои се релевантни општествени чинители, меѓутоа најважно ја добив од скопјани. Поддршката ја побарав и од симпатизерите на СДСМ и од сите оние кои што не се задоволни можеби од она што се случува, а веруваат во моите компетенци и дека како независен и натпартиски кандидат, ќе го дадам едноставно најдоброто од себе за Скопје и за скопјани, рече Арсовска.

Таа додаде дека не треба веќе да се стои на страна и само да се гледаат предизвиците на Скопје. На граѓаните веќе им е преку глава од политиканство. На граѓаните им е потребно здраво менаџирање на Скопје, им требаат нормални и достоинствени услови за живеење.

-Да, сум независен и да, сум натпартиски кандидат и пред се тоа фактите го говорат затоа што ниту имам членска книшка, ниту некогаш сум била припадник на било која партија. А, ќе ги застапувам сите без разлика на нивната политичка определба, без разлика на било какви други поделби кои што би сакале некои луѓе во општеството да ги направат, нагласи Арсовска.

Арсовска посочи дека скопјани најмногу алармираат на сообраќајниот хаос, урбанистичкиот хаос, нечистотијата и загаденоста во Скопје.

-Јас на граѓаните можам да им понудам решение како во следните две години ние градот да го направиме навистина убаво, европско, современо место за живеење каде што ќе бидеме горди едноставно дека живееме, работиме и да ни растат децата во убав град,истакна Данела Арсовска, независниот кандидат за градоначалник на Скопје во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24.

Арсовска додаде дека во Скопје недостига Луна паркот, Универзална сала која што навистина треба да биде место за уметноста, за културата. Тука е и животот во Старата скопска чаршија, место кое што би требало да биде центар за посетители од цела Македонија.

-Луѓето сакаат да знаат дека се еднакви, тоа е она кое што го сакаат, бараат систем. Бараат систем во кој ќе знаат дека не се само тие единствените кои што ќе го почитуваат она што постои како пропис, туку прописите и законите ќе важат за сите, рече Арсовска.

Арсовска посочи дека таа како човек има покажано дека има интегритет, дека е човек кој тоа што ќе го вети ќе го исполни односно реализира.

Ќе одам секаде, секое место ќе посетам, сите се скопјани, никого нема да делам. За мене нема поделби, а тоа ќе се покаже и ќе се докаже, нагласи Арсовска.