– Сите параметри кои произлегуваат од анализите направени заклучно со денес, се добри и сите се во фаза на подобрување, така што очекувам дека денеска може постепено да се ослободува од респираторната машина, изјави Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по настан организиран од Универзитетската клиника за детски болести по повод Светскиот ден на детето.
Во неделата беше извршена третата трансплантација на срце во земјава. Операцијата траеше пет часа, а донираното срце беше трансплантирано кај 39-годишна пациентка.
Филипче откри дека донорот на срце и бубрези е 40-годишната Јасмина, мајка на 10-месечно бебе.
– Утрово се сретнав со семејството на 40-годишната Јасмина, жената донор на срце и бубрези, која спаси три човечки животи. Немам зборови со кои може да ја опишам големината и човечноста на семејството Василковски кои во саботата во моменти на најголема болка, одлучи да ги донира нејзините органи. Јасмина беше мајка на 10-месечно бебе, посветена сопруга, добра сестра и снаа. Василковски се скромни луѓе, нивниот хуман и несебичен гест никогаш нема да го заборавиме, остануваме поддршка и секогаш сме овде кога ќе треба да им се помогне, напиша Филипче на Фејсбук.