Министерството за јавна администрација организираше стручна јавна расправа посветена на Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа. На настанот присуствуваа универзитетски професори, правни експерти и претставници од академската заедница.

Во рамките на воведниот дел, доц. д-р Константин Битраков од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги презентираше предложените решенија. Тој детално се осврна на правната основа, значењето на нормативното обликување на текстот и потребата од јасно уредување на институционалната поставеност, надлежностите и одговорностите на сите органи во системот на државната управа.

По презентацијата се одржа панел-дискусија под наслов „Новата архитектура на државната управа – принципи, надлежности и функционалност“, каде што стручни мислења и аргументи спротивставија професорите Борче Давитковски, Тања Каракамишева-Јовановска и Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Тие ги анализираа предложените решенија од правен, институционален и практичен аспект, ставајќи акцент врз разграничувањето на овластувањата и меѓусебните односи на институциите.

Панел дискусија за државната управа

Професорот Борче Давитковски посочи дека предложениот закон поставува сосема нови основи за организирање на државната управа преку прецизно разграничување на надлежностите меѓу ресорните министерства. Според него, овие решенија ќе обезбедат независна и функционална структура приспособена кон развојните потреби на земјата и барањата што произлегуваат од евроинтегративниот процес.

Учесници на дебатата за законот

Професорката Тања Каракамишева-Јовановска го оцени нацрт-текстот како јасно, концизно и прецизно законско решение. Таа нагласи дека добро поставената управа подразбира секој орган да постапува строго во рамките на законските овластувања и да обезбедува ефикасна заштита на граѓанските права, притоа подвлекувајќи дека се неопходни континуирани обуки за зајакнување на професионалниот интегритет и политичката неутралност на административните службеници.

Дискусија за новата архитектура на јавната администрација

Професорот Драган Гоцевски истакна дека новиот закон претставува клучен чекор напред кон рационализација и прегледност на системот. Тој објасни дека со текстот се напуштаат застарените организациски форми, се поедноставува номенклатурата на органите и јасно се утврдуваат линиите на отчетност кон Владата, поздравувајќи ја подготвеноста на ресорното министерство за прифаќање на конструктивни предлози од стручната јавност.

Стручна дебата за законот за организација на управата

Јавната дискусија претставува дел од сеопфатниот процес за надградба на законската регулатива со цел создавање координирана, ефикасна и одговорна државна управа која ќе работи исклучиво во служба на граѓаните.