Во владиното соопштение се вели дека варијантата омикрон, иако е многу пренослива, има пониски стапки на хоспитализација од претходните бранови и има маргинално зголемување на смртните случаи.

Омикрон првпат се појави во Јужна Африка минатиот месец, по што Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на можно „цунами“ од инфекции предизвикани од делта и омикрон кои можат да ги преплават здравствените системи.

Сепак, во соопштението на јужноафриканската Влада издадено по специјален состанок на кабинетот се вели дека случаите и приемите во болници паднале во речиси сите провинции низ земјата.

Во неделата што завршува на 25 декември, бројот на потврдени инфекции беше 89.781, што е помалку од 127.753 една недела порано.

Најавените промени вклучуваат укинување на сообраќајните ограничувања од полноќ до 04:00 часот, додека на компаниите ќе им биде дозволено да продаваат алкохол според вообичаените правила за лиценцирање, наместо да затвораат во 23:00 часот.

Откако беше прогласена националната состојба на катастрофа во Јужноафриканската Република на крајот на март 2020 година, во сила се правилата за полициски час со различна тежина.

Земјата сè уште има „слободни капацитети да прима пациенти дури и за рутински здравствени услуги“ и покрај бранот на омикрон, соопштија официјални лица, а јавноста сè уште е повикана да се вакцинира и да ги почитува протоколите за јавно здравје, вклучително и задолжителното носење маски.

Собирите сè уште се ограничен на 1.000 луѓе во затворени простории и 2.000 на отворено, или 50 проценти од капацитетот за да се овозможи социјално дистанцирање.

За време на пандемијата, Јужна Африка забележа скоро 3,5 милиони случаи на Ковид-19 и повеќе од 90.000 смртни случаи.