Од таму прецизираат дека собраниската делегација ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа ќе одржи говор по кој ќе следи културно-уметничка програма.

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце во 09:45 часот. Делегацијата таму ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски и министерите за внатрешни работи и за одбрана Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска.

Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, пак, се во организација на претседателот Стево Пендаровски и тие започнуваат со панихида во храм Св.Никола, во 10:20 часот.

Претседателот на државата на својот Фејсбук профил ја објави програмата за чествување на Илинден на Мечкин Камен.

Во рамките на централната свеченост Илинден ќе се чествува со:

– Пригодна реч за Никола Ристаноски со пораки за Илинден
– Ансамблот на македонски народни игри и песни „Танец“
– Ансамблот на албански народни ора и песни
– Влатко Стефановски
– Воениот оркестар на Армијата.

Претседателот на најголемата опозициска партија во Македонија, Христијан Мицкоски нема да присуствува утре на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево.

Тој вели дека 2-ри август традиционално го поминувал во населеното место Ташмаруништа, кое се наоѓа во близина на Струга.

На 2 август Македонија ги одбележува двата Илиндена- илинденското востание во 1903 година и создавањето на Крушевската република и првото заседание на АСНОМ во 1944 година, што се сметаат за столбовите на републиката и на државноста. Годинешното одбележување на најголемиот државен празник, наведуваат од Владата, се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор.