Сара Кировска е македонски студент во Кина, а обнова на пасошот чека уште од октомври. За новиот закон за продолжено важење на патните исправи дознала од Фејсбук и веднаш се обратила до македонскиот конзулат и амбасада, но одговор се уште не добила. Од контактите со Македонци низ светот дознала дека биле издавани потврди од македонските ДКП дека пасошите се во важност.
Согласно законските измени пасошите на граѓаните, чија важност истекува по 31 јули 2020 година, ќе продолжат да важат до 31 декември 2021 година. Ваквите пасоши ќе можат да се користат од 1 јули. Оваа можност ќе ја користат и граѓаните кои живеат во Македонија, а им се истечени патните исправи. Официјална бројка на граѓани чии патни исправи престанале да важат нема. Проценките се дека се работи за десетици илјади граѓани
Од министерството за надворешни работи од каде првично тврдеа дека државите во светот се информирани заоваа законска измена, денеска не одговорија на прашањата дали имаат повртани информации од државите, дали тие ќе бараат дополнителни документи за идентификација на граница и што ако граѓаните имаат проблем со патната исправа.
Засега не е предвидено на граница македонските граничари да издаваат посебна придружна потврда дека пасошот е со продолжена важност или пак, да се става посебен штембил на самата патна исправа.
Од министерството за внатрешни работи пак, велат дека граѓаните со истечени пасоши или лични карти можат да извадат нови бидејќи обрасци за пасоши и лични карти има доволно, а решен е проблемот и со недостатокот на регистарски таблички.
Договорот за регистарските таблички чини 100 милиони денари без вклучен ддв за период од 3 години.
Пренесуваат од Сител