Како што пишуваа медиумите, во кампот од учесниците барале да кажуваат имиња на фирми за производство на кондоми, колку секс партнери имале досега, да симулираат секс пози и слично. Скандалозните активности биле пријавени и во полиција. Всушност, сега Обвинителството и МВР истражуваат што се случувало во тој камп. Професорката Ана Павловска Данева вели дека ова е досега најмасовна злоупотреба на правата на децата, а организаторите на овој скандалозен настан мора да бидат санционирани.
„Она што им се случувало на децата во т.н. извиднички камп е досега најмасовна злоупотреба на правата на децата во нашава земја. Ако ова не биде санкционирано и МВР веднаш не поднесе кривични против организаторите, да не бидеме изненадени доколку родителите си ја преземат правдата во свои раце!“, напиша Павловска Данева на својот фејсбук профил.
Павловска додава дека „во ниту еден случај за настанот не можат да сносат (правна) одговорност родителите и жртвите да ги претвориме во виновници. Институциите мора да спроведат сериозна истрага и да им помогнат и на децата и на родителите да се справат со траумата што ја доживеале“.
Пешева, пак, дополнува: „Не ги оправдувам организаторите никако, бидејќи организирале настан несоодветен на возраста на посетителите. Но сметам дека и родителите треба да имаат увид каде ги пуштаат децата, особено ако е експлицитно наведен карактерот на настанот. Децата не се виновни во ни еден случај“, пишува Пешева.
Инаку, татко на средношколка од Скопје, за „Слободен печат“ кој го откри скандалот, сведочи дека неговата малолетна ќерка викендов доживеала шок од активности кои се случувале на извиднички камп.
Според девојчето, кое се обратило до училишниот психолог со писмена изјава, а која родителот ја образложи во аудио разговорот со редакцијaта, активностите биле несоодветни, вклучувале соблекување на облеката и прашање колку сексуални партнери имале децата, глумење секс пози, сликање панорамска слика со секс пози до манастир.
„Дежурен јавен обвинител е известен за настанот за кој покажувате интерес и издаде насоки до Министерството за внатрешни работи за дејствија кои треба да се преземат со цел утврдување на фактичката состојба“, велат од ОЈО Скопје.
Во кампот, наречен „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол” наменет за извидниците над 16-годишна возраст, учествувале 40 малолетници.