Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ денеска почна во Скопје со првата панел-дискусија, од која Движењето ЗНАМ за Наша Македонија најави серија средби во повеќе градови низ државата и непосреден разговор со граѓаните за реформите, институциите и европската иднина.

Со пораки за одговорна политика, институции што работат за граѓаните и европска иднина изградена врз македонските национални интереси, пред бројни членови, поддржувачи и симпатизери беше отворен циклусот јавни дебати чија цел е разговор за предизвиците, реформите и визијата за современа, функционална и европска Македонија.

На панелот се обрати претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, кој истакна дека ЗНАМ денес е сериозен политички фактор затоа што остана доследен на вредностите врз кои е создадено движењето – чесност, одговорност и работа во интерес на граѓаните.

Димитриевски порача дека Движењето не е формирано за да биде нечие привремено политичко засолниште, ниту за да тргува со позиции и функции, туку за да понуди нов политички модел и да ја врати довербата во институциите.

„ЗНАМ ќе постои сè додека ве има вас, луѓето кои искрено веруваат во оваа идеја. Ќе постои сè додека ги чуваме принципите поради кои се создадовме и додека политиката ја водиме со достоинство, чесност и одговорност. Гледавме како партии што со години ветуваа европски вредности се претворија во затворени политички и трговски друштва, каде личниот интерес стана поважен од државниот. ЗНАМ нема да оди по тој пат. ЗНАМ има своја шанса, свој правец и своја обврска, кон Македонија и кон нејзините граѓани“, истакна Димитриевски.

Во рамки на панел-дискусијата се обратија и министерот за јавна администрација и генерален секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, како и министерот за правда и претседавач на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ, Игор Филков.

Минчев и Филков говореа за реформите што се реализираат во јавната администрација и правосудството, за процесите на модернизација на институциите и за чекорите што ја приближуваат државата до европските стандарди.

Во завршното обраќање, Димитриевски порача дека вистинскиот процес за ЗНАМ допрва започнува и дека движењето ќе продолжи да расте заедно со граѓаните, преку непосреден дијалог и конкретна работа на терен.

„Не се бориме за фотелји, не се бориме за функции и привилегии. Се бориме да изградиме држава во која младите ќе остануваат, институциите ќе работат, а чесниот човек ќе биде вреднуван. Нашиот процес допрва почнува. Ќе бидеме меѓу граѓаните во секој град, ќе слушаме, ќе разговараме и заедно ќе ги носиме одлуките. Тоа е суштината на ЗНАМ и затоа сум убеден дека најдоброто за нашето движење, но и за Македонија, допрва доаѓа“, порача претседателот на ЗНАМ.

Панел-дискусијата во Скопје е почеток на серија средби што во наредниот период ќе се одржат во осум градови низ државата, како дел од караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“. Од ЗНАМ велат дека со караванот ја продолжуваат определбата за непосредна комуникација со граѓаните и за заедничко креирање политики што носат развој, стабилност и сигурна европска иднина за Македонија.