Германската полиција објави дека е во состојба на зголемена приправност во пресрет на традиционалните карневалски прослави оваа и следната недела, откако социјални мрежи поврзани со Исламска држава (ИД) упатија повици за напади врз учесниците на настаните во Келн и Нирнберг. Според германскиот весник Билд, пропагандна страница на германски јазик поврзана со ИД објавила компјутерски генериран колаж со порака „Избери ја својата следна мета“, наведувајќи ги датумите и локациите на карневалските настани. Колажот содржел и слика на крвав нож со хаштаг кој повикува на „колење“, при што како потенцијални мети биле посочени не само германските карневали, туку и фестивалот на љубовта во Ротердам, Холандија, закажан на почетокот на март.
Келн и Нирнберг под засилени безбедносни мерки
Полицијата во Келн соопшти дека ги прилагодува оперативните планови во согласност со потенцијалните закани, но нагласи дека овие објави можат да имаат за цел застрашување без да претставуваат конкретна опасност.
-
„Ги засилуваме безбедносните мерки со цел да гарантираме сигурност на сите учесници и посетители. Се преземаат мерки дури и ако постои само можност за закана,“ соопштија од полицијата во Келн.
Во овој град ќе бидат ангажирани повеќе од 1.400 полицајци, распоредени на познатите собирни места, со проверки на торби и посетители. Карневалските прослави, кои се особено популарни во Рајнската област, започнуваат утре и ќе траат цела недела. Најголемо внимание привлекува традиционалната „Розенмонтаг“ парада во Келн и Дизелдорф, која се очекува да собере десетици илјади учесници во сатирични костими.
Откажана меѓународната карневалска парада во Нирнберг
Организаторите во Нирнберг соопштија дека Меѓународната карневалска парада, која беше означена како потенцијална мета во пораките на ИД, е откажана од безбедносни причини. Полицијата во градот потврди дека е запознаена со заканите и дека државните безбедносни служби вршат проценка на ризиците.
-
„Иако во моментов нема конкретни индиции за непосреден напад, не сакаме да ризикуваме со безбедноста на граѓаните,“ соопштија од полицијата во Нирнберг.
Германија во изминатите години беше цел на неколку терористички напади, особено со возила и ножеви, при што загинаа повеќе лица. Овие напади ја зголемија будноста на германските безбедносни служби, особено за време на јавни настани и масовни собири.
Германските власти ги повикаа граѓаните да останат смирени, но внимателни и да ги следат безбедносните препораки. И покрај зголемените мерки, полицијата истакна дека целта е да се зачува духот на традиционалните карневали, кои се дел од германската културна традиција.