Едно лице е повредено при пад на воен авион во близина на американската воздухопловна база Шпангдалем во западна Германија, покажуваат првичните информации. Типот на леталото и причината за несреќата сè уште не се официјално потврдени, иако неофицијално се наведува дека станува збор за авион Ф-16.
Несреќата се случила во областа Ајфел, во сојузната покраина Рајнска област-Пфалц. Властите на округот Битбург-Прим потврдиле дека на местото биле испратени противпожарни екипи и служби за цивилна заштита.
Локалните власти соопштиле дека засега не можат да дадат повеќе информации за околностите и текот на настанот. Ниту американските воздухопловни сили сè уште не објавиле дополнителни детали.
Во базата Шпангдалем е стационирана ескадрила со околу 20 борбени авиони Ф-16, која учествува во операциите на американските воздухопловни сили и на НАТО низ светот.
Во октомври 2019 година, американски авион Ф-16 се урна за време на рутински тренинг-лет во шума кај Цемер-Родт, недалеку од базата. Пилотот тогаш успеал да се катапултира и се здобил со полесни повреди.
Во Шпангдалем работат околу 5.000 воени и цивилни лица, заедно со нивните семејства. Во базата се вработени и меѓу 700 и 800 германски државјани.
Американските воздухопловни сили се присутни во Шпангдалем од средината на 1950-тите години. Заедно со базата Рамштајн кај Кајзерслаутерн, таа претставува една од најважните американски воени воздухопловни бази во Германија.
