Карневалско дефиле кое ги оживеа вековните традиции
Карневалско дефиле во Прилеп. Над 600 маскирани учесници продефилираа низ центарот на Прилеп. Оваа година се одржа по 23-ти пат. Карневалот привлече и млади и стари од Прилеп и околината.
На дефилето можеше да се видат и традиционални и современи маски. „Весели пирати од Пробиштип“, „Клеопатра во Куратица“, „Арката на дедо Ное“, „Го пратиле дедо в планина“, како и маски на ангели и демони. Учесниците испратија силни пораки за подобрување на светот и односите меѓу луѓето.
Мечкарите – симболот на карневалот
Карневалското дефиле го предводеа прилепските мечкари – заштитниот знак на оваа манифестација.
– Мечкарите се тука за да ги избркаат злите духови. Тоа го правиме со векови, а традицијата продолжува, бидејќи имаме млад подмладок. Во „Прилепските мечкари“ има повеќе од 45 возрасни членови и пет деца, не постари од пет години. Ниту дождот, ниту ветрот не можат да ги запрат мечкарите. Дождот е знак дека треба да се очистиме и да си простиме, – изјави Тони Павлески од здружението „Прилепски мечкари“.
Прочка – време за простување и нови почетоци
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ја нагласи важноста на чинот на простувањето за Велики поклади – Прочка.
– Ова е време да подариме љубов и разбирање, да простиме и да ни биде простено. Карневалската традиција во Прилеп е вековна и ние ја одржуваме со гордост, – порача Јовчески.
До вечерта, стручно жири ќе ги прогласи најдобрите маски на карневалот. Утре, на Чист понеделник, кога започнуваат велигденските пости, здружението „Прилепски мечкари“ традиционално ќе подели посен грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај селото Присад.
Во рамки на тридневните карневалски свечености беше организирана изложба на повеќе од 800 маски, изработени од учениците од прилепските училишта, како и презентација на прочкарските обичаи – амлање јајце.
Прочка во Прилеп – спој на традицијата, радоста и духовната чистота!