Ситуацијата со големиот пожар во прилепскиот регион Мариово и понатаму е критична. Според последните информации, пожарот зафатил околу 16.000 хектари, додека периметарот на огнената линија изнесува 110 километри.

Пожарот во Мариово ангажира над 200 професионалци

Од Кризниот штаб во Прилеп, како што информира МИА, на терен се ангажирани над 200 професионалци од различни државни служби. Борче Јовчески, началникот на кризниот штаб, изјави дека главниот фокус е насочен кон заштита на населените места, а силите се концентрирани на четири до пет критични локации.

„Во моментов, професионалците се лоцирани на четири до пет критични точки. Најзагрозени се селата Крушевица, Бонче и Штавица, каде има 50 припадници на АРМ заедно со други професионалци. Во селата Вепрчани и Дуње, исто така се ангажирани уште 50 припадници на АРМ. Во гаснењето помагаат и механизирани возила од блиските рудници,“

 

Огнената стихија во Мариово е најголем предизвик за гаснење

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, оцени дека пожарот во Мариово е најголемиот и најкомплициран за гаснење. На терен утрово биле испратени 100 припадници на Армијата, 25 припадници на специјалната единица „Тигар,“ 30 вработени во Национални шуми и два тима на Дирекцијата за заштита и спасување со над 25 лица.

Проблеми со хеликоптерите за гаснење пожар

Ангелов истакна дека во гаснењето на пожарот помогнал и еден „ертрактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување, додека останатите два не се функционални. Исто така, полициските хеликоптери се неисправни. Тој изрази оптимизам дека утре големиот полициски хеликоптер Ми-171 ќе биде функционален.

„Има најави од УХМР за можен дожд во Мариово и прилепската околина, но засега овие прогнози не се остваруваат,“

Дополнителни пожари во Прилеп и Чашка

Дополнително, покрај пожарот во Мариово, Ангелов информираше дека во Прилеп има уште два пожари. Еден е во месноста Дервен, а другиот кај селото Смолане. Во општина Долнени, сериозен шумски пожар се појавил кај селото Десово.

На територијата на општина Чашка има два активни пожари. Првиот е на планината Мукос, каде што пожарот се реактивира повеќепати. Вториот пожар е во атарот на селата Голозинци и Мелница. Ангелов потврди дека е активен и пожарот над викенд населбата Катланово, но тој не загрозува ниту едно населено место.

Според податоците на ЦУК, денес на територијата на државата има вкупно 13 пожари, од кои девет се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати.