Велигденска изложба на ракотворби, беше отворена синоќа во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“. На настанот беше кажано дека оваа година, изложбата обединува 29 учесници, секој со свој уникатен израз, вештина и љубов вложена во делата.

– По повод големиот христијански празник Велигден, симбол на надежта, обновата и новиот почеток, традиционално, по втор пат, се собираме со една ваква прекрасна изложба, заедно да ја прославиме убавината на творештвото и духот на нашето културно наследство, рече Марина Убавкова, организатор на настанот.

Таа истакна дека е ова богатство од разновидни ракотворби, слики, икони, велигденски декорации изработени од различни материјали, украсени велигденски јајца, традиционални народни облеки, рачно ткаени прекривки и многу други внимателно изработени украси.

Создадени во чест на овој светол празник, нагласи таа, овие дела носат во себе приказна за верата, за традицијата, за семејството и за рацете што создаваат со љубов.

– Токму преку ваквите уметнички настани ја чуваме и ја пренесуваме нашата култура на идните генерации. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста и традицијата живеат преку луѓето, преку сите вас кои творите, поддржувате и ја негувате оваа убавина, подвлече Убавкова.

Пред присутните се обрати и директорот на Културниот дом, Методи Глигоров.