Предлог-измените на Законот за семејството, со кои се предлага да се овозможи пристап до информации за потеклото на посвоените лица во определени случаи, се ставени на дневен ред на денешната 25. седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
Со предложените измени, кои ги поднесе пратеничката група на ЗНАМ, се предвидува можност за пристап до одредени информации за посвојувањето, со одлука на стручна комисија и по разгледување на секој случај одделно.
Според актуелниот член 123-а од Законот за семејството, податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Прашањето повторно се актуализираше по пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Митревска против Северна Македонија“ од 2024 година, во која беше утврдена повреда на правото на приватен и семеен живот поради одбивањето пристап до информации поврзани со потеклото и семејната медицинска историја.
Од ЗНАМ посочуваат дека не предлагаат укинување на тајноста на посвојувањата, туку воведување можност за исклучоци во законски утврдена постапка. Предлогот допрва треба да помине низ собраниската процедура.
