Долги задржувања на границата и покрај сите отворени ленти

Новиот европски ЕЕС систем за дигитална контрола на границите и овој продолжен викенд предизвика големи гужви и долги чекања на преминот Богородица кон Грција.

Иако на грчката страна биле отворени сите осум ленти за контрола, патниците повторно чекале со часови за влез во Грција. На граничниот премин се создале километарски колони возила, а дел од патниците поминале повеќе часови во чекање.

Долгите задржувања станаа секојдневие откако Европската Унија почна да го применува новиот систем за влез и излез, познат како ЕЕС.

Станува збор за дигитален систем кој ја заменува класичната контрола со печати во пасошите. Наместо тоа, државјаните од земји што не се дел од Европската Унија и Шенген-зоната, меѓу кои е и Македонија, при првиот влез се електронски регистрираат, се фотографираат и им се земаат отпечатоци од прсти.

Грција признава дека системот создава проблеми

Министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисоходис, изјави дека системот ќе продолжи да се применува и покрај реакциите од повеќе земји.

„Знам дека има поплаки. Имам добиено поплаки и од моите колеги од Северна Македонија и од Србија. Станува збор за прашање што има два аспекти. Првиот се однесува на новиот начин на влез во земјите на Европската Унија, т.н. влез-излез систем. Многу ми е жал, но треба да ја имплементираме европската легислатива. Европската комисија инсистира на целосна примена, што значи дека секој државјанин од трета земја, како и полицаецот што го контролира, треба да потроши неколку секунди или минути“, изјави Хрисоходис.

Тој посочи дека дополнителен проблем претставува и застарената инфраструктура на грчките гранични премини.

Стравувања пред летната сезона

На проблемите со новиот систем веќе подолг период предупредуваат повеќе европски земји со развиен туризам, меѓу кои Грција, Италија, Шпанија и Франција, како и држави надвор од Европската Унија, како Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

Сепак, од Брисел засега остануваат на ставот дека системот мора целосно да се применува.

Доколку грчките власти не ги зголемат капацитетите на граничните премини пред почетокот на летната сезона, ЕЕС системот би можел да стане едно од најголемите тесни грла за туристите од Балканот ова лето.