Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун може да отпатува во Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин на разговори за потенцијалниот договор за снабдување на Москва со оружје за нејзината војна против Украина, изјавија од американската влада, јави Си-ен-ен.

Советот за национална безбедност на САД вчера предупреди дека преговорите за оружје меѓу Русија и Северна Кореја активно напредуваат, откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го посети Пјонгјанг во јули во обид да го убеди да и продаде артилериска муниција на Москва.

-Имаме информации дека Ким Јонг Ун очекува овие дискусии да продолжат, вклучително и дипломатски ангажман на ниво на лидер во Русија, рече портпаролката на Советот, Адриен Вотсон во соопштението.

Вотсон не кажа кога и каде може да се одржи потенцијалната средба меѓу Ким и Путин во Русија.

Но, јужнокорејската Национална разузнавачка служба во вторникот соопшти дека внимателно ја следи… можноста Ким Џонг Ун наскоро да ја посети Русија.

Њујорк тајмс прв ја објави потенцијалната средба меѓу Ким и Путин во Русија, велејќи дека таа се очекува да се одржи овој месец.

Според извештајот, средбата може да се одржи во кампусот на универзитет во источниот пристанишен град Владивосток, каде што е предвидено да се одржи Источниот економски форум од 10 и 13 септември.

Во 2019 година, Ким го направи своето прво патување во Русија како лидер на Северна Кореја и отпатува од Пјонгјанг до Владивосток со оклопен зелен воз. Одењето со воз е претпочитан начин на патување на повлечениот севернокорејски лидер.

Можната посета на Ким на Русија доаѓа откако САД изразија зголемена загриженост за воената помош на Северна Кореја за руските воени напори во Украина – потег што би ги прекршил американските санкции.

Претходно овој месец, американското Министерство за финансии воведе санкции за три субјекти кои ги обвини дека се поврзани со договори за оружје меѓу Северна Кореја и Русија.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу присуствуваат на воената парада во Пјонгјанг во јули годинава.