Портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Пекинг одлучи да преземе реципрочни контрамерки, оценувајќи го последниот потег на Вашингтон како „погрешна пракса“.

Тој прецизираше дека санкциите ќе важат за седум лица од САД и организации во согласност со Законот за санкции кон странците, во кои е вклучен и поранешниот американски секретар за трговија Вилбур Рос, пренесува Меѓународното кинеско радио.

-Секој обид на странските сили да се мешаат во работите на Хонг Конг ќе биде залуден, додаде кинескиот официјален претставник.

Соопштението доаѓа пред денешната посета на американскиот заменик државен секретар Венди Шерман на северниот кинески пристанишен град Тјанџин. Таа е највисокиот американски функционер кој ја посетува Кина откако администрацијата на претседателот Џо Бајден дојде на власт во САД.