Околу 74 милиони евра се очекува да бидат инвестирани во реконструкција, проширување и модернизација на Клиничката болница во Тетово, со што повеќе од 250 илјади жители од Полошкиот регион треба да добијат побрзи и поквалитетни здравствени услуги. Проектот опфаќа обнова на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на три нови објекти и набавка на современа медицинска опрема.
Меѓу новите објекти е предвиден и посебен оддел за гинекологија, акушерство и неонатологија. Со реализацијата на проектот треба да се намалат листите на чекање и потребата пациентите од Тетово и Полошкиот регион да бидат упатувани на клиниките во Скопје.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека со претставници на Светската банка и Европската инвестициска банка ќе бидат разгледани техничките планови, структурата и можностите за реализација, по што треба да се финализира документацијата за почеток на јавната набавка.
„Тука сме со тимот на терен на Светската банка и Европската инвестициска банка, со кои ќе поминеме низ техничките планови, можностите, структурата и ќе ги финализираме сите документи кои ни се потребни за почеток на јавната набавка, односно тендерот за изградба.“, рече Клековски.
Техничките подготовки од страна на Клиничката болница во Тетово веќе се завршени. Директорот Ерзен Елези изјави дека работната група го подготвила проектот за трите нови објекти, како и за реконструкција на двата постојни блока.
„Од наша страна, од Клиничката болница во Тетово, направени се сите подготовки, како што е проектирањето. Работната група ја заврши работата за проектот на трите нови објекти и на двата постојни објекти кои ќе се реновираат.“, изјави Ерзен Елези, директор на Клиничката болница во Тетово.
Градежните работи треба да почнат по завршувањето на административните процедури. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, најави дека ќе се ангажира проектот да биде реализиран што е можно побрзо.
„Ова уште еднаш покажува дека важните капитални проекти на оваа влада не зависат од тоа кој е министер, кој доаѓа и кој си оди. Напротив, сега со новиот министер, заедно со тимот на Светската банка, излеговме на терен и од денес и формално започнува постапката за реализација на проект кој би рекол дека е еден од најважните за овој дел од Македонија, односно за Тетово, Полошкиот регион и за западниот дел на Македонија.“, изјави Касами.
Со завршувањето на инвестицијата, болницата треба да добие поголем капацитет, современи услови за работа и подобра организација на здравствените услуги за пациентите од Тетово, Полошкиот регион и западниот дел од земјата.
