Силен северен ветер и ведро време

Под влијание на многу ладна воздушна маса од север, за време на новогодишната ноќ времето во Македонија ќе биде претежно ведро и исклучително студено. Ќе дува северен ветер кој, особено во југоисточните предели, повремено ќе биде засилен. Во текот на денешниот ден ветерот од северен правец ќе биде засилен до повремено силен и локално ќе достигнува брзина од над 60 километри на час.

Температури под нулата во текот на денот

Денеска на повеќе места температурите и во текот на денот ќе останат под нулата и ќе се движат во интервал од -5 до 4 степени. Во Скопје и околината максималната дневна температура ќе се искачи до околу нула степени, при што и таму ќе дува засилен до повремено силен северен ветер, кој во делови од котлината ќе достигнува брзина над 60 километри на час.

Длабок минус за новогодишната ноќ

За време на новогодишната ноќ температурите насекаде низ Македонија ќе бидат под нулата и ќе се спуштаат од -13 до -4 степени, додека во Скопје и околината се очекува околу -7 степени. Во повисоките населени места и на планините температурата ќе се намали до околу -15 степени. Првото утро од 2026 година ќе биде многу студено, со длабок минус низ целата држава.