Медицински тим од Скопје третираше 10 пациенти повредени во трагедијата

Во Општата болница во Кочани за првпат е воведена ПРП терапија – третман со плазма збогатена со тромбоцити, кој претставува современ метод за забрзано заздравување и рехабилитација на повреди. Ваквата интервенција е спроведена кај 10 пациенти повредени во неодамнешната трагедија, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Третманите беа успешно изведени од тим лекари од болницата „Св. Наум Охридски“ – Скопје, кои со поддршка на медицинскиот персонал од Кочани ја применија терапијата на лице место. На тој начин, пациентите не мораа да патуваат до Скопје за да добијат соодветна медицинска грижа.

ПРП терапија – современ третман, достапен и во источниот регион

ПРП терапијата (Platelet-Rich Plasma) користи плазма добиена од сопствената крв на пациентот, збогатена со тромбоцити, и се аплицира на местото на повредата. Целта е да се забрза процесот на заздравување и регенерација на оштетеното ткиво. Најчесто се применува кај рани, изгореници, повреди на меките ткива и пооперативна рехабилитација.

Пониква се трансформира во рехабилитациски центар за повредените од трагедијата во Кочани

Претходно, вакви третмани беа достапни исклучиво на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје. Сега, со отворањето на можноста и во Кочани, се олеснува пристапот за пациентите од источниот регион.

Клековски: „Голем чекор напред за локалното здравство“

  • „Ова е огромен чекор напред за здравствениот систем во регионот. ПРП терапија од сега ќе може да се примени и во Кочани, без потреба пациентите да патуваат до Скопје“, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Здравствените власти велат дека ова е само почеток на процесот на модернизација и дигитализација на здравствената грижа во внатрешноста, а Кочани станува дел од растечката мрежа болници што нудат регенеративна медицина во Македонија.

Извор: Курир