Кочанските и штипските болници останаа празни – сите пациенти пренесени во Скопје, дел заминуваат на лекување во странство

Кочанските и штипските болници останаа празни откако сите 84 пациенти повредени во трагичниот пожар беа пренесени на лекување во скопските клиники, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари. Тој нагласи дека нивната здравствена состојба постојано се менува, а до крајот на денот уште 26 пациенти ќе бидат префрлени во странство.

„Во Словенија и Хрватска ќе заминат четири пациенти, во Австрија шест, а во Белград 12 пациенти. Уште еднаш повторувам дека состојбата на сите пациенти засега е стабилна, да се надеваме дека нема да има компликации или влошување“, изјави Таравари.

Здравствените власти ги повикаа сите кои ноќта на пожарот биле во близина на дискотеката да се јават на преглед во скопските клиники, бидејќи дури 18 лица од Кочани денеска пријавиле симптоми на гушење и изгореници.

Зошто Македонија нема Центар за изгореници?

Јавното здравство синоќа се најде на удар на критики поради недостигот на Центар за изгореници, кој во Македонија не постои од 2016 година. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, објасни дека и да постоел ваков центар, тој немало да може да се справи со ваков обемен број пациенти.

„Да имавме Центар за изгореници, тој ќе беше функционален за четири до пет пациенти. Ние немавме да имаме капацитет за 40-50 пациенти, а во ниту еден случај за повеќе од 100 пациенти. Тоа е факт кој јасно треба да го комуницираме“, изјави Клековски.

На терен постојано се и тимови од Црвениот крст, кои информираа дека во моментов немаат потреба од донации во материјали, освен финансиска помош преку отворените телефонски линии.

„Позади мене е еден од пунктовите каде граѓаните може да донираат вода и прехранбени производи. На оваа локација активни се девет волонтери, а имаме и други пунктови блиску до семејствата на настраданите“, изјави Арген Чирафи од Црвениот крст.

Во меѓувреме, две деца кои се на лекување во Турција започнале самостојно да дишат, а три пациенти во Грција ноќеска биле оперирани поради сериозни внатрешни и надворешни изгореници.

Во пожарот животот го загубија 59 млади лица, а досега е завршена обдукцијата на 15 од нив.