Научниците утврдија промени во кожата низ децениите
Природниот процес на стареење на кожата започнува многу порано отколку што повеќето луѓе очекуваат, покажува нова научна студија. Според истражувањето, првите видливи промени се поврзани со постепено намалување на антиоксидансите, колагенот и клеточната регенерација, што со тек на време доведува до појава на фини линии и губење на еластичноста.
Во студијата учествувале научници од повеќе институции, меѓу кои и експерти за дерматологија и генетика, кои анализирале биолошки процеси кај жени од различни возрасти и етнички групи. Резултатите покажале дека нема една точна „пресвртна точка“, туку стареењето се случува во фази, преку различни клеточни промени низ децениите.
Истражувањето укажува дека во дваесеттите години почнува намалување на природните антиоксиданси, во триесеттите се забавува производството на колаген, а во четириесеттите и педесеттите доаѓа до посилно нарушување на регенерацијата и бариерната функција на кожата.
Разлики според возраст и етничка припадност
Експертите наведуваат дека моментот кога кожата почнува видливо да старее зависи и од генетика, начин на живот и изложеност на сонце. Кај дел од популацијата првите позначајни промени се појавуваат во доцните триесетти години, додека кај други тоа се случува подоцна.
Според дел од резултатите, кај одредени етнички групи процесот на видливо стареење може да се појави подоцна, поради природно посилна заштита на кожата и различна генетска структура.
Навики што можат да влијаат на изгледот на кожата
Иако стареењето не може да се запре, научниците истакнуваат дека одредени навики можат да влијаат на неговата брзина. Се посочува дека хидратацијата на организмот, заштитата од сонце и здравиот начин на живот играат важна улога во зачувување на свежиот изглед на кожата.
Пиењето доволно вода се наведува како еден од наједноставните фактори што помагаат во подобра циркулација и подолготрајна еластичност на кожата.
