47-от претседател Доналд Трамп планира брзо да го започне процесот на транзиција на власта, кој треба да заврши со инаугурацијата на шефот на државата на 20 јануари пред Капитол. Трамп составува тим. Во предизборната трка, Трамп избегнуваше да коментира за идните назначувања, со тоа што место во неговата администрација јавно им вети само на две лица – Илон Маск и Роберт Кенеди Џуниор. Останатите имиња засега се шпекулации.
Државен секретар
Моментално на оваа позиција е: Ентони Блинкен
Кандидати: Бил Хагерти. Поранешен амбасадор во Јапонија во периодот 2017-2019 година. Тој беше меѓу „малиот број сенатори“ кои гласаа против големиот пакет помош за Украина.
Роберт О’Брајан беше советник за национална безбедност на Трамп од 2019-2021 година, познат како човекот кој никогаш не му свртел грб на Трамп. Назначувањето на О’Брајан би било поддржано од ЕУ и од Украина, бидејќи тој е про-НАТО и ја поддржува воената помош за Украина.
Марко Рубио е сенатор од Флорида. Тој сакаше да се кандидира за републиканска претседателска номинација во 2016 година, но потоа загуби од Трамп на прелиминарните избори. Поддржува цврст став на САД кон Куба и Иран. Тој се смета за противник на повлекувањето на САД од НАТО. Изразува поддршка за Украина, но го поддржува ставот на Трамп дека Украина треба да преговара со Русија за прекин на војната.
Мајк Волц е член на Претставничкиот дом од Флорида. Ја поддржува американската помош за Украина, но се залага за поголема контрола врз неа.
Во овие имиња циркулира и Ричард Гренел кој важи за добар пријател на Македонија, особено на премиерот Мицкоски и министерот Муцунски. И покрај тоа што Њу Јорк Тајмс вчера го стави Гренел на листата за државен секретар, сепак утрово се шпекулира дека би бил советник за национална безбедност.
Советник за национална безбедност
Моментално на оваа позиција е: Џек Саливан
Ричард Гренел, ова име веројатно е најинтересно за македонската јавност бидејќи тој е во тесна соработка со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Тој беше амбасадор во Германија во 2018-2020 година и вршител на должноста директор на националното разузнавање на САД во 2020 година. Ројтерс го смета за главен кандидат за оваа функција. Гренел е еден од најблиските советници на Трамп за надворешна политика. Ројтерс забележува дека Гренел има „жежок темперамент“ и непријатни односи со странските лидери. Гренел присуствуваше на состанокот на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември. Меѓу мерките што би можел да ги понуди на Украина за прекин на војната е создавањето на „автономна зона“ во источниот дел на земјата, но Украина ја смета таквата позиција за неприфатлива. Според „Политико“ и „Њу Јорк Тајмс“, Гренел би можел да заземе или функција советник или државен секретар.
За функцијата советник за национална безбедност се споменуваше и името на Роберт О’Брајан, четвртиот и последен советник за национална безбедност за време на првиот претседателски мандат на Трамп. Тој е во игра и за можен државен секретар во следната администрација. Тој одржуваше блиски контакти со странски лидери и по завршувањето на првиот мандат на Трамп. Во мај тој се сретна со премиерот на Израел. Ја поддржува воената помош за Украина повеќе од многу републиканци.
Министер за одбрана
Моментално на оваа позиција е: Лојд Остин
Мајк Помпео беше директор на ЦИА во периодот 2017-2018 година и државен секретар во периодот 2018-2021 година го поддржува Израел и поцврстата линија кон Иран. Се смета за еден од најжестоките бранители на Украина меѓу блиските сојузници на Трамп. Ројтерс го смета за главен претендент за функцијата.
Том Котон е сенатор од Арканзас. Популарен е меѓу донаторите на Трамп. Постојано ја поддржува воената помош за Украина.
Мајк Волц е член на Претставничкиот дом од Флорида (детално погоре бидејќи тој е и кандидат за државен секретар). Политико одделно го споменува она што Трамп особено го цени во Валц – медиумско присуство и лојалност. Тој е чест гостин на Фокс њуз, каде што го брани Трамп за клучните прашања, вклучувајќи го и неговиот став за Украина