Бугарија, Грција и Хрватска се меѓу земјите со највисока стапка на пушачи во ЕУ

Пушењето и понатаму претставува сериозен здравствен предизвик во Европската Унија, иако најновите податоци покажуваат постепено намалување на бројот на пушачи. Според податоците на Евростат за 2023 година и извештај на Европскиот парламент, Шведска е првата земја-членка што ја достигнала целта за бездимна Европа, со само осум проценти пушачи.

На спротивниот крај од листата се наоѓаат Бугарија со 37 проценти пушачи, Грција со 36 и Хрватска со 35 проценти, каде употребата на цигари и натаму е широко распространета.

Просекот во ЕУ изнесува 24 проценти

Според статистиката, по Бугарија, Грција и Хрватска следуваат Романија со 34 проценти, Летонија со 33 и Австрија со 32 проценти пушачи.

Просечната стапка на пушење во Европската Унија изнесува 24 проценти. На тоа ниво се и Германија, Шпанија, Италија и Словенија.

Под европскиот просек се Белгија и Португалија со по 21 процент, Луксембург со 19 и Ирска со 16 проценти пушачи.

Најниска стапка е регистрирана во Шведска со осум проценти, по што следуваат Холандија со 11 проценти, Данска со 14 и Финска со 15 проценти.

Европската Унија цели кон 5 проценти пушачи до 2040 година

Европската Унија има поставено цел до 2040 година стапката на пушење да се намали на пет проценти од населението.

Според податоците наведени во извештајот на Европскиот парламент, Шведска веќе во 2025 година го достигнала овој праг според најновите национални статистики, со што станала првата земја-членка што ја исполнила европската цел.

Во извештајот се посочува дека статистиката се однесува исклучиво на пушење цигари и не ги опфаќа другите тутунски и никотински производи, како електронските цигари и снусот.

Европскиот парламент ја издвојува Шведска како пример за успешна контрола на употребата на тутун, наведувајќи ги високите даноци, ограничувањата за рекламирање и промоцијата на бездимни алтернативи како дел од мерките што придонеле за намалување на бројот на пушачи.

Во исто време, земјите од Југоисточна Европа и натаму се соочуваат со предизвици во спроведувањето на анти-тутунските политики и со културни навики кои го забавуваат намалувањето на пушењето.