Состанокот на Комисијата за заразни болести е презакажан за утре, изјави за МИА министерот за здравство Венко Филипче. Комисијата за заразни болести денеска требаше да одржи состанок, на кој требаше да биде разгледана состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот.
Актуелната состојба со пандемијата ќе биде тема и на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.
Тековната недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18.000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1.405 тестирања. Починаа 41 лице, а оздравени се 1.169 пациенти.
Според најавите, имунизацијата со 24.000 дози од вакцината „АстраЗенека“ што преку Ковакс механизмот стасаа викендот, треба да стартува утре со пријавените граѓани над 75 години. Здравствените власти тврдат дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со оваа вакцина и порачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што велат, ова е специфичен период.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека 20 000 граѓани кои се веќе пријавени на возраст над 75 години, во текот на денешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време да се јават на вакцинација.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава изнесува 127.240, на оздравени е 105.524, а на починати 3.716. Досега во земјава се направени вкупно 616.862 тестирања за Ковид-19.