Навивачката група Комити, која го презеде раководењето на клубот во финишот на сезоната, откако стана јасно дека актуелниот сопственик Слободан Крстевски е финансиски немоќен, даде отчет за сработеното.

По разговорите со неколку градоначалници на скопските општини, договорено е Вардар да добие поддршка од 12 општини. Комити нагласуваат дека досега успеале да се сретнат со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Во соопштението на Комити, се вели:

Како што ветивме, нашата борба е целосно транспарентна. Затоа, водени од мотото “Вардар – клуб на народот”, би сакале на секој навивач и симпатизер да му ги презентираме досегашните резултати од борбата, како и чекорите кои во наредниот период ќе ги превземеме.

Првично, би сакале да напоменеме дека по состанокот со директорот на клубот, Слободан Крстевски, добивме гаранција дека долгот направен по неговото доаѓање на кормилото на клубот, ќе биде вратен од негова страна во целост, без притоа истиот да биде наталожен на досегашниот долг на ФК Вардар.

Понатаму, би сакале да се заблагодариме на дванаесетте општини (Кисела Вода, Аеродром, Карпош, Центар, Илинден, Ѓорче Петров, Чучер Сандево, Зелениково, Гази Баба, Бутел, Петровец, Сопиште) со кои остваривме конструктивни состаноци, и дојдовме до позитивно решение. Сите дадоа збор, и се обрвзаа пред јавноста, дека клубот ФК Вардар ќе го помагаат заеднички, од секој можен аспект.

Во неделата што следува, очекуваме и формално да се одржи заеднички состанок на сите градоначалници, на кој заедно со нас, ќе биде дефиниран темелниот систем, преку кој долгорочно ФК Вардар ќе биде подржан од страна на општините.

За жал, единствено со градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска, се уште немаме остварено средба, иако официјално барање доставивме уште на 3 мај 2023. Причините за ваквата постапка не ни се познати. Веруваме дека градоначалничката Арсовска ќе искаже волја и што поскоро ќе го прифати нашето уредно поднесено барање за средба. На клубот во овој момент му е потребна поддршка и помош од сите засегнати страни, особено од Градот Скопје, бидејќи ФК Вардар, гледано од историски, и од било кој друг аспект, е чедо на градот Скопје. Тоа не смее да се заборави!

Мора да напоменеме дека општините Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, веќе на дело ја демонстрираа желбата за соработка. Имено, општините Аеродром и Ѓорче Петров обезбедија фудбалски терени, кои во целост ќе ги стопанисуваат, а кои ќе бидат од огромна важност за младинската школа на ФК Вардар, како и за тековните спортски активности на првиот тим. Од друга страна, пред бараж натпреварот во Кавадарци, од општината Кисела Вода беа обезбедени 1 000 000 денари помош за фудбалерите на клубот, како мотивација пред одлучувачкиот натпревар. Во името на клубот, ви се заблагодаруваме!

МЛАДИНСКА ШКОЛА

Во целиот изминат период, благодарение единствено на навивачите, за сите генерации во клубот, беа обезбедени сите потребни услови, за непречено реализирање на сите тековни спортски активности. Како што веќе напоменавме, со помошта од Општините, издејствувавме нови два фудбалски терени, од кои едниот веќе е во фаза на изградба. Секако, целосно сме посветени на ова прашање, и веруваме дека во најбрз можен временски рок, на сите засегнати страни, ќе им ја претставиме нашата визија и начинот на кој школата ќе функционира во иднина.

УЈП И ПУИГ

Следните чекори, се можеби најважни, во овој период од борбата. Како што веќе е познати, голем дел од долгот на клубот е направен кон УЈП и ПУИГ.

Ние, како засегната страна го нудиме следното решение;

Долгот кон УЈП да биде репрограмиран на 10 години, со што, секоја тековна година, клубот кон институцијата би исплаќал дел од целокупниот долг. Дополнително, заедно со одговорните лица да се најде решение со кое поранешните раководни лица на клубот ќе одговараат и ќе го сносат товарот за долгот настанат за време на нивното ,,управување”. Веруваме дека ова решение е најдобро, бидејќи долгот тлее веќе неколку години, директорот на клубот Слободан Крстевски, иако вети, не е во позиција да го исплати, и во моментов не постои ниту една засегната страна, спремна да го врати. На ваков начин, УЈП ќе си го наплати долгот, а на ФК Вардар со реализација на ваквото решение, ќе му биде одблокирана сметката, а со самото тоа можноста за финансиски прилив ќе биде многу поголема. Во периодот што следува, ќе биде организиран состанок со челните луѓе на УЈП, по кој јавно на нашата официјална страница, ќе го презентираме исходот од истиот. Веруваме и се надеваме на конструктивност!

ПУИГ е несомнено, нераскинлив историски дел од ФК Вардар. Но, во овој момент, ситуацијата е доста комплицирана, од причина што за време на претходното раководство на клубот, е направен долг, кој од многу аспекти е проблематичен, но за тоа, во периодот што следи. Тоа што ние, како засегната страна сакаме да го предложиме е состанок со челните луѓе на ПУИГ, на кој заеднички ќе дојдеме до најдоброто решение, преку кое долгот би можел да биде целосно вратен. Веруваме во нивната конструктивност, веруваме дека се спремни да помогнат во заедничката борба. Секако, едно од нашите најважни барања е да ФК Вардар своите натпревари ги игра на Градскиот стадион, домот и душата на клубот. Ова е барање за кое силно ќе се бориме, зошто недозволиво е повеќе гордоста на градот и на целата држава, домашните натпревари да ги одигрува на било кое друго место.

ДОНАЦИИ

Веќе извесен период функционира акцијата за донации, преку апликацијата Gofundme, и досега се собрани вкупно 6 945 евра. За жал, оваа апликација не е достапна за корисниците во Р. Македонија. Затоа, бидете спремни, зошто за многу брзо, ќе го обзнаниме начинот за донации, за навивачите од Македонија. Тогаш ние сме на потег. Нека ја видат сите сплотеноста на Вардаровите навивачи!

ФИРМИ И КОМПАНИИ

Време е сите во општеството, не само навивачите и општините, да се приклучат и да помогнат. Како што тропнавме на сите општински врати, така ќе тропнеме на вратите на сите големи македонски компании. На сите нив, ќе им ја презентираме целокупната визија, и активности кои ги имаме реализирани за доброто на клубот. Очекуваме позитивно да одговорат на нашите барања, зошто ФК Вардар заради сите успеси, историјата и традицијата, заслужува!

ОСТАНАТИ ФИРМИ И ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ИМААТ ПОБАРУВАЊА

Разбираме дека претходните раководства работеле неодговорно и создавале долгови кон чесни луѓе кои ги извршувале работните задачи, меѓутоа бараме и разбирање дека ваквиот долг е реално недостижен во моменталната ситуација. Ќе ве поканиме заедно да најдеме решение како за спас на Вардар, така и за правичен надоместок на вашите побарувања.

За крај, веруваме дека сходно оваа соопштение, јавноста уште повеќе активно ќе се вклучи во борбата за клубот, и уште повеќе ќе ја изрази довербата во нас, навивачите, кои деноноќно работиме, волонтерски, за доброто на клубот. Нашето присуство во клубот, е гаранција дека НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ валкани игри и криминал. Конечно, после многу години, имаме историска шанса да го издигнеме Вардар високо. Да ја искористиме сите заедно, таа шанса!

СИТЕ ЗАЕДНО – ЗА ВАРДАР НАШ!